Репрезентацијата на Франција забележа сигурна победа од 3-0 над Ирак, но натпреварот го одбележа двочасовниот прекин предизвикан од големо невреме.
Метеоролошките најави се покажаа како точни, па поради лошите временски услови и строгите американски протоколи, целиот настан се одолговлече и траеше четири часа.
Резултатот беше отворен кога Мбапе одлично прифати додавање од Олисе на околу 18 метри од голот и со силен удар донесе водство за „триколорите“ од 1-0.
По завршувањето на првиот дел, дуелот мораше да биде стопиран поради силните грмотевици. Според јасните правила во САД, секој натпревар се прекинува доколку се регистрираат електрични празнења во радиус од 13 километри од стадионот.
Играчите веднаш заминаа во соблекувалните, додека на навивачите им беше наложено да се засолнат во предвидените безбедносни зони.
Протоколот налага да поминат 30 минути од последниот удар на гром за играта да може да продолжи, а секој нов грмеж го ресетира тајмерот. По серијата одложувања и пауза од два часа, фудбалерите повторно излегоа на загревање и мечот конечно продолжи.
Само девет минути по почетокот на второто полувреме, Мбапе повторно стапи на сцена и по асистенцијата на Дембеле ја дуплираше предноста на 2-0.
Десетина минути подоцна, и самиот Дембеле успеа да ја затресе противничката мрежа, поставувајќи ги конечните 3-0.
Со оваа победа Франција го завери местото во нокаут фазата од Светското првенство.