Амаре Стадемаер ја започнува новата кариера во полициската служба на училиштата во округот Мајами-Дејд, откако успешно ја заврши полициската академија.
Необична промена во животот на една од поранешните ѕвезди на НБА-лигата. Амаре Стадемаер, кој остави голем белег во американската кошарка и оваа година беше примен во Куќата на славните, го оствари својот детски сон и стана полицаец.
Поранешниот кошаркар во средата вечерта дипломираше на Основната академија за спроведување на законот при колеџот „Мајами-Дејд“. Со тоа го направи клучниот чекор кон новата професионална кариера, која ќе ја продолжи во полициската служба на училиштата во округот Мајами-Дејд.
Од образовната институција потврдија дека за Стадемаер оваа промена претставува многу повеќе од ново занимање. Желбата да стане полицаец ја имал уште од детството, а големо влијание врз неговата одлука имале и членови на семејството кои работеле во полициските служби.
Стадемаер има 43 години, а зад себе остави 14 сезони во НБА-лигата. Настапуваше за Феникс Санс, Њујорк Никс, Далас Маверикс и Мајами Хит, а последниот настап во најсилната кошаркарска лига во светот го имаше во сезоната 2015/16.
Во текот на кариерата шестпати беше избран за учесник на Ол-стар натпреварот, додека петпати се најде во најдобрите петорки на НБА. Просечно бележеше 21,9 поени, 9,1 скок и 1,4 блокади по натпревар.
Стадемаер остави трага и во европската кошарка, каде што настапуваше за Хапоел Ерусалим и Макаби Тел Авив.