Македонскиот младински репрезентативец Матеј Гаштаров ќе остане во редовите на Црвена Звезда и во следните три години, откако официјално ја продолжи соработката со српскиот шампион. Младиот офанзивец остави добар впечаток за време на летните подготовки со првиот состав, каде доби шанса да се докаже, а успеа и да постигне погодок. Во клубот очигледно се задоволни од неговиот развој, па решија да му понудат нов договор.
Потписот беше одбележан и со интересен гест од медиумскиот тим на Црвена Звезда. На Гаштаров преку видео-повик му се обратија клупските легенди Дарко Панчев и Илија Најдоски, кои му честитаа и му посакаа еден ден да тргне по нивните стапки.
Гаштаров е дел од белградскиот клуб од 2024 година и постепено се приближува до остварување на целта да дебитира за сениорскиот тим на Црвена Звезда.