Легендарниот холандски тренер го критикува новиот формат на Лигата на шампионите, сметајќи дека зголемувањето на бројот на учесници го намалува квалитетот и придонесува за поголем број повреди.
Луј ван Гал, легандарниот холандски тренер упати остри критики кон УЕФА и новиот формат на Лигата на шампионите, оценувајќи дека промените се водени пред сè од финансиските интереси, а не од желбата да се подобри квалитетот на фудбалот.
Поранешниот тренер на Ајакс, Барселона, Баерн Минхен и Манчестер Јунајтед смета дека елитното европско натпреварување треба да ги собира најдобрите клубови, наместо да се зголемува бројот на учесници.
„УЕФА размислува само за тоа како да заработи пари. Тоа е корумпиран свет“, порача Ван Гал, чии критики се однесуваат на актуелниот формат со 36 екипи и единствена табела во лигашката фаза.
Според холандскиот стратег, проширувањето на натпреварувањето ги зголемува разликите во квалитетот меѓу учесниците и доведува до натпревари во кои фаворитите имаат преголема предност.
„Се вика Лига на шампионите, нели? Треба да учествуваат најдобрите тимови. Така би имало помали разлики во квалитетот, а со тоа и помалку голови. А, не да учествуваат секакви клубови“, е ставот на искусниот тренер.
Ван Гал посебно е загрижен и поради зголемениот број натпревари во календарот. Со новиот систем, секој клуб игра осум натпревари во лигашката фаза, наместо шест во старата групна фаза, што дополнително го зголемува физичкиот напор на фудбалерите.
„Има повеќе натпревари, а со тоа и повеќе повреди“, предупреди Холанѓанецот, посочувајќи дека густиот распоред е сериозен проблем за играчите.
Според него, намалувањето на бројот на учесници би придонело за повисоко ниво на натпреварување, поквалитетни дуели и помалку повреди. Ван Гал тврди дека слични идеи ѝ ги претставил на УЕФА уште пред 20 години, но без успех.