Трофејниот тренер ќе биде деветтата легенда на Лејкерс со статуа на „Стар Плаза“.
Лос Анџелес Лејкерс ќе му оддадат огромно признание на еден од најуспешните тренери во историјата на НБА. Клубот објави дека пред својата арена ќе биде поставена статуа на легендарниот Фил Џексон.
Свеченото откривање е закажано за 9 април 2027 година, пред натпреварот меѓу Лејкерс и Минесота Тимбервулвс.
Џексон двапати беше тренер на Лејкерс – од 1999 до 2004 и од 2005 до 2011 година. Во тој период освои пет шампионски титули, со импресивен учинок од 610 победи и 292 порази во регуларниот дел од сезоната, како и 118 победи и 63 порази во плејофот.
Со поставувањето на статуата, Џексон ќе стане деветтата личност која ќе добие ваква чест на „Стар Плаза“, просторот пред арената на Лејкерс.
Пред него статуи добија легендарните кошаркари Коби Брајант, Шекил О’Нил, Меџик Џонсон, Карим Абдул-Џабар, Елџин Бејлор и Џери Вест, како и тренерот Пет Рајли и легендарниот коментатор Чик Херн.
Џексон има уште поголема колекција на шампионски титули. Покрај петте со Лејкерс, тој освои шест титули со Чикаго Булс во 1990-тите, а како играч двапати беше НБА шампион со Њујорк Никс – во 1970 и 1973 година.
Вкупно, Џексон има 11 шампионски титули како тренер, што го прави еден од најуспешните стратези во историјата на НБА. Во пензија е од 2017 година, кога ја напушти функцијата претседател на Њујорк Никс. На 17 септември ќе наполни 81 година.