Фудбал

Легендарниот голман „удри“ по Клоп: Одлучи се што си!

Легендарниот голман „удри“ по Клоп: Одлучи се што си!

Легендарниот голман на Баерн Минхен не остана рамнодушен на коментарите на Јирген Клоп за играта на баварскиот гигант и тактичките замисли на Винсент Компани.

Јирген Клоп предизвика реакции во Германија со своите критики за играта на Баерн Минхен, а меѓу оние што решија јавно да му одговорат е и легендарниот Оливер Кан.

По ремито 2:2 меѓу Баерн и Арсенал во Лигата на шампионите, Клоп отворено призна дека не му е целосно јасно како функционира играта на баварскиот тим во одбраната. Особено го изненадила поставеноста на Хари Кејн, кој според него понекогаш се повлекува премногу длабоко во дефанзивната линија.

„Сè уште не разбирам целосно што прави Баерн кога ја нема топката. Понекогаш играат хибриден систем, потоа човек на човек, а потоа повторно се менува сè“, коментираше Клоп.

Тој посебно се осврна и на улогата на Кејн во одбраната, нагласувајќи дека англискиот напаѓач би требало да биде поставен повисоко на теренот, наместо да се враќа во последната линија.

Оливер Кан смета дека Клоп, кој сега е селектор на германската репрезентација, мора да биде повнимателен со своите јавни коментари.

„Прво морав да размислам дали тој е селектор на репрезентацијата или сè уште фудбалски експерт. Тоа беше типична изјава на фудбалски аналитичар, а Клоп мора да биде свесен дека ваквите зборови можат да се сфатат и како критика кон тренер на клуб“, порача Кан.

Поранешниот голман на Баерн потсети и на претходните коментари на Клоп за Јулијан Нагелсман, оценувајќи дека меѓу тренерите мора да постои поголема колегијалност.

„Мислам дека тука станува збор и за колегијалност меѓу тренерите. Особено селекторот мора добро да размисли што зборува, бидејќи неговите зборови можат да предизвикаат дискусии, а токму тоа се случува сега“, додаде Кан.

Од друга страна, Винсент Компани не сакаше да влегува во јавна полемика со Клоп. На прашањето за коментарите на германскиот селектор, тренерот на Баерн кратко одговори:

„Нема да коментирам за тоа. Следното прашање.“