Фудбал

Лаутаро Мартинез призна: Барселона навистина ме сакаше, но јас одбрав да останам во Интер

Лаутаро Мартинез призна: Барселона навистина ме сакаше, но јас одбрав да останам во Интер

Аргентинскиот капитен конечно потврди дека интересот од каталонскиот гигант бил реален, но љубовта кон „нероаѕурите“ била пресудна

Лаутаро Мартинез конечно стави крај на долгогодишните шпекулации околу неговата можна преселба во Барселона. Капитенот на Интер призна дека интересот од каталонскиот клуб бил реален, но во ниту еден момент не престанал да размислува за продолжување на кариерата во Милано.

Аргентинскиот напаѓач во изјава за време на „Гран Гала дел Калчо“ откри дека Барселона навистина се интересирала за неговите услуги, но на крајот тој одлучил да остане верен на Интер.

„Гласините за Барселона беа вистинити, но на крајот сакав да останам тука, со моите соиграчи и моите навивачи“, изјави Мартинез.

Мартинез со години се поврзуваше со трансфер на „Камп Ноу“, особено во периодите кога Барселона бараше нов напаѓач. Сепак, ниту една од тие шпекулации не се претвори во официјален трансфер, а Аргентинецот продолжи да го носи дресот на Интер.

Според него, одлуката да остане во Милано била поврзана со силната врска која ја има изградено со клубот, соиграчите и навивачите.

„За мене Интер значи гордост, среќа и желба да продолжам. Повторно избрав да останам тука. Сакам да постигнам големи работи со Интер“, порача капитенот.