Ѕвездата на Барселона со само 19 години стигна до 14 гола во елитното европско натпреварување и самостојно го презеде врвот на листата на најдобрите стрелци меѓу фудбалерите помлади од 20 години.
Ламин Јамал продолжува да ги поместува границите и да испишува историја во европскиот фудбал. Младиот ас на Барселона постигна нов значаен рекорд со голот против Астон Вила, со кој го остави зад себе Килијан Мбапе.
Досега двајцата фудбалери беа изедначени со по 13 погодоци во Лигата на шампионите пред да наполнат 20 години, но Јамал сега има 14 и самостојно се најде на врвот на оваа историска листа.
Шпанскиот репрезентативец пет гола постигна во сезоната 2024/25, уште шест во кампањата 2025/26, додека во актуелната сезона веќе трипати се запиша меѓу стрелците, против Феенорд, ПСЖ и Астон Вила.
Но, ова е само едно од многубројните достигнувања на суперталентираниот фудбалер. Јамал е и најмладиот стартер во историјата на Лигата на шампионите, откако го постигна тоа на возраст од само 16 години и 83 дена.
Тој е и најмладиот фудбалер кој стигнал до десет настапи во натпреварувањето, најмладиот со гол и асистенција на еден натпревар, како и најмладиот играч со 20 одиграни средби во елитниот турнир.
Дополнително, Јамал е најмладиот стрелец во полуфинале на Лигата на шампионите, а има и најмногу голови во натпреварувањето пред да наполни 19 години – вкупно 11.
Сепак, едно достигнување сè уште не е во негови раце. Рекордот за најмлад дебитант во Лигата на шампионите го држи Макс Дауман од Арсенал, кој дебитираше на 15 години и 308 дена, во ноември 2025 година.