Македонската ракометна репрезентација ги започна подготовките за претстојните квалификациски натпревари за Европското првенство, а првиот предизвик ќе биде дуелот со Луксембург, кој е закажан за в среда во Скопје.
Селекторот Кирил Лазаров на првиот собир зборуваше за очекувањата од претстојните натпревари, при што не ја криеше фаворитската улога на Македонија. Сепак, предупреди дека противникот не смее да биде потценет, особено по промената на селекторската позиција.
„Имаме искуство во вакви натпревари од квалификации за Европско првенство, првиот противник е Луксембург. Нема да бегаме од улогата на фаворити, сепак треба да знаеме дека имаат нов селектор со големо искуство, докажан и токму затоа тука ќе барам малку претпазливост. Немаме никаков видео материјал на кој начин сега Луксембург би играл со Динар. Немаме премногу време, ќе бидеме конкретни и прецизни во припремите и се надевам дека ќе излеземе подготвени на терен“
Една од новините во составот е Дмитро Хориха, кој неодамна доби македонско државјанство и сега има право да го носи дресот на националниот тим. Лазаров смета дека неговото присуство ќе ја зголеми конкуренцијата во репрезентацијата, посочувајќи ги и неговите квалитетни настапи во Вардар и Сегед.
„Го искористивме моментот со Дмитри да игра за Македонија, тој е квалитетен играч кој покажа дека има квалитет, играше одлично во Вардар каде што беше важен во освојувањето на титулата. Сега е во Сегед, каде што исто така е важен. Со него добиваме конкуретност во репрезентацијата за носење на дресот на репрезентацијата“.
Македонија во моментов не тренира во комплетен состав, бидејќи ракометарите на Вардар и Пелистер ќе се приклучат по денешното меѓусебно дерби. Селекторот истакна дека таквата ситуација мора да се прифати и дека не сака да бара изговори, со надеж дека сите повикани ракометари ќе ги избегнат повредите.
„Не сме комплетни, ни фалат играчите од Пелистер и Вардар, тоа е нова ситуација, мораме да ја прифатиме, нема да се жалиме и да плачеме. Порано не беше така, но ние нема да бараме алиби и се надевам дека сите ќе останат здрави и уште вечер ќе ни се приклучат во хотелот. Јас сакам сите да добиваат шанса и да бидат здрави за да ни помогнат на Европското првенство“, изјави Лазаров.
Првиот квалификациски натпревар против Луксембург Македонија го игра в среда со почеток од 19:00 часот.