Ракомет

Лазаров пред стартот на квалификациите: Луксембург не смееме да го потцениме, со Грција ќе биде тврд меч

Лазаров пред стартот на квалификациите: Луксембург не смееме да го потцениме, со Грција ќе биде тврд меч

Селекторот на македонската ракометна репрезентација ги најави квалификациските дуели со Луксембург и Грција, а се осврна и на очекувањата од националниот тим и враќањето на Хориха.

Македонската ракометна репрезентација ги започнува квалификациите за Европското првенство со натпреварите против Луксембург и Грција. Селекторот Кирил Лазаров повикува на максимална сериозност, без потценување на противниците, но истовремено верува дека неговите избраници можат да се наметнат и против најсилните селекции.

Македонија е во група со Луксембург, Грција и Шведска во квалификациите за ЕП 2028.

Лазаров посебно го потенцираше квалитетот на Луксембург, чиј селектор е светски и олимписки шампион и негов поранешен соиграч од Сиудад Реал.

„Не смееме да потцениме никого. Луксембург има светски и олимписки шампион за селектор, мој поранешен соиграч од Сиудад Реал. Со Грција тоа ќе биде еден тврд натпревар. Покажаа против Холандија дека се квалитетни и направија големо изненадување. Таму Холандија беше комплетна, без некои отсуства“, истакна Лазаров.

Селекторот верува во карактерот на своите ракометари и во нивната посветеност кон националниот дрес. Сепак, смета дека по долгогодишната работа и вложувањата во оваа генерација, време е тоа да се потврди и со поконкретни резултати.

„Момците се борат за државата и сигурен сум дека ќе продолжат во таков ритам. Низ годините многу се работеше и се инвестираше во оваа генерација и сега очекувам дека е време и тие да прикажуваат подобри игри и да носат подобри резултати“, порача селекторот.

Една од темите за кои зборуваше Лазаров е и враќањето на Хориха, од кого се очекува да донесе дополнителен квалитет во репрезентацијата. Селекторот, сепак, не сака да создава преголеми очекувања само поради присуството на еден играч.

„Не сакам да давам изјави дека со Хориха ќе бидеме толку многу посилни, но видовме на турнирите дека ни фали гориво во текот на турнирите, а сега добиваме еден квалитетен играч“, објасни Лазаров.

Тој се осврна и на работата со македонските ракометари во клубовите, посочувајќи го примерот на Еурофарм Пелистер, како и на враќањето на Лазаревски по повредата.

„Ме радува што Пелистер работи со македонски играчи. Исто така, Лазаревски се враќа од повредата. Можеби не е во најдобра форма, но верувам дека брзо ќе се врати. Имам неколку дилеми, но тоа е добро, да сте на слатки маки, затоа нема да брзам со списокот“, рече селекторот.

Лазаров зборуваше и за квалитетот на Шведска, селекција која ја смета за една од најсилните во светот, на исто ниво со Данска. Сепак, потсетува дека Македонија во минатото знаела да приреди изненадувања и против најголемите ракометни сили.

„Шведска е во рангот на Данска, меѓутоа сме ги победиле и нив, па зошто пред полн ‘Борис Трајковски’ да не приредиме уште едно големо изненадување“, порача Лазаров.

Македонија во квалификациите ќе се обиде да ја потврди својата конкурентност и да направи чекор кон нов настап на континенталниот шампионат. Првите предизвици ќе бидат против Луксембург на 4. ноември во Скопје, и пото на 8. ноември против Грција на гости во Халкида.