Селекторот на македонската ракометна репрезентација, Кире Лазаров, ее задоволен од она што го виде од неговите ракометари во премиерната победа во квалификациите за Европското првенство.
Македонија лесно, со 41-23 го победи Луксембург. Победникот во овој меч беше јасен уште пред тој да почне, но селекторот Лазаров го истакнува приодот на ракометарите кон овој дуел.
„Задоволен сум од момците, од нивниот пристап и ангажман. Немавме многу време за подготовка, но мислам дека сработивме добро. Имавме и нов играч кој за првпат беше со нас, па требаше да го вклопиме во системот. Задоволен сум од начинот на кој напаѓавме, иако секогаш може подобро. Имаме три дена до натпреварот со Грција, каде што нè очекува пеколен меч против одлична репрезентација. Ќе пристапиме максимално сериозно и мораме да бидеме подготвени за сите можни сценарија. Ќе се обидеме психолошки да се подготвиме за она што нè очекува. Не ми е најважен резултатот, туку пристапот и начинот на кој игравме. Имавме темпо во текот на сите 60 минути, што воопшто не е лесно за нашите македонски услови, без разлика што противник беше Луксембург. Им честитам на момците за сработеното“, заклучи Лазаров.
Фото: Игор Паневски



