Фудбал

Лавот кој преживеа сè, освен сопствените заблуди

Лавот кој преживеа сè, освен сопствените заблуди

Приказна за Минхен 1860, некогашниот германски првак кој тоне во сенката на Баерн, поради децении лоши одлуки и внатрешни судири.

Додека преку улицата растеше модерна фудбалска империја, со милиони на сметките, Лиги на шампиони и глобални спонзори, „Лавовите“ полека тонеа. Не поради еден пораз или една лоша сезона, туку поради години погрешни одлуки, лошо управување и вечна борба меѓу амбицијата и реалноста.

Иронијата е речиси филмска. Клубот основан во 1860 година е четириесет години постар од славниот градски ривал Баерн. Бил шампион на Германија во 1966 година, го освоил Купот на победниците на куповите и со децении бил сериозна европска фудбалска приказна. Кога е формирана Бундеслигата во 1963 година, Минхен 1860 бил меѓу основачите. Три години подоцна се искачил на германскиот трон.

Почетокот на крајот не бил еден момент, туку процес. Преселбата на Алијанц Арена требаше да означи нова ера, но стана финансиски камен околу вратот. Клубот не можеше да ги следи трошоците на стадионот дизајниран за многу побогат партнер. Долговите растеа, резултатите опаѓаа, а идентитетот полека се губеше.

Потоа пристигнаа јорданскиот инвеститор Хасан Исмаик со големи ветувања за враќање во Бундеслигата и европски соништа. Години подоцна останаа главно кавги, блокади, меѓусебни обвинувања и клуб заробен меѓу инвеститорот и навивачите. Германското правило 50+1 го штити мнозинското влијание на членовите, но не може да го заштити клубот од постојана внатрешна војна.

Кулминацијата на хаосот се случи во 2017 година. По испаѓањето од Втората Бундеслига, клубот не ги исполни финансиските услови за лиценца во Третата лига. Лиценцата не бише добиена, и Минхен 1860 административно беше пратен во Регионаллигата, четвртиот ранг на германскиот фудбал. Тоа беше пад кој боше да се гледа.

Сепак, она што ги разликува големите клубови од обичните не е бројот на трофеи, туку луѓето. На Грунвалдер Штадион никогаш не исчезна песната. Илјадници навивачи продолжија да доаѓаат и кога гостите водеа во мали баварски места. Дресот не ја изгуби вредноста затоа што лигата го изгубила гламурот. Напротив, можеби токму сега повторно доби смисла.