Дисциплинската комисија ги објави казните за случувањата во последното коло од кошаркарската Суперлига, а најголеми финансиски последици ќе почувствуваат Работнички и Куманово.
Двата клуба добија високи парични казни поради инцидентите на трибините за време на нивниот меѓусебен дуел, но и поради техничките грешки направени во текот на натпреварот. Работнички ќе треба да плати вкупно 82.400 денари, додека сметката на Куманово изнесува 66.400 денари.
Работнички заработи казна од 30.000 денари поради плукање кон службени лица, а дополнителни 30.000 денари ќе мора да плати поради фрлање тврди предмети на теренот.
Казнети се и поединци од клубот. Говенс поради две технички грешки, ќе треба да плати 6.400 денари, додека Фатјон Реџа е санкциониран со 16.000 денари за неспортско однесување. Ниту Куманово не помина без санкции. Клубот доби две казни од по 30.000 денари поради плукање кон официјалните лица и фрлање предмети на теренот од страна на навивачите.
Дополнително, Стефан Фундиќ ќе мора да плати 3.200 денари поради техничка грешка, а идентична сума ќе плати и клубот поради техничката грешка што ја заработи клупата за време на натпреварот.
Така, двата клуба заедно ќе издвојат дури 148.800 денари за санкциите изречени по нивната меѓусебна пресметка.