Дејан Кулушевски вели дека се чувствува како „друг човек“ по враќањето во тимот на Тотенхем по долгата пауза поради повреда. Фудбалерот со македонско потекло во понеделникот ги одигра првите минути по 526 дена отсуство во победата против Ковентри.
Крилниот напаѓач, кој за себе вели дека станал „попаметен“ и „поинаков човек“, влезе во игра во 86. минута. Тоа беше негов прв настап од 11 мај 2025 година, кога заработи тешка повреда на коленото. Неговото враќање се случи на натпревар во кој Тотенхем ја оствари првата победа во новата сезона од Премиер лигата, совладувајќи го Ковентри Сити со 3-1.
Кулушевски истакна дека времето поминато надвор од терените му го променило погледот кон фудбалот, но и кон сопствениот идентитет како професионален спортист.
„Многу сум благодарен што морав да поминам низ ова. Сега сум подготвен за фудбал. Се гледам себеси поинаку. Мислам дека сум друг човек. Сè уште сум истото момче што сака да игра фудбал, но сум малку попаметен, па затоа сум среќен“, изјави Кулушевски за „Скај Спортс“.
Поранешниот фудбалер на Јувентус се осврна на психичкиот и физичкиот напор во текот на рехабилитацијата и го нагласи личниот раст што го доживеал во тој период. Рече дека е горд на издржливоста што ја покажал за време на долгото отсуство од теренот. Швеѓанецот смирено зборуваше за изминатите 17 месеци закрепнување.
„На сите ќе им раскажувам за ова патување. Тоа беше неверојатно искуство, иако понекогаш беше тешко; тешкото е всушност убаво“, изјави тој.
Кулушевски на натпреварот против Кристал Палас се здоби со комплексна повреда на коленото со тешко оштетување на ‘рскавицата. Иако брзо беше опериран, заздравувањето се искомплицира, поради што следната зима мораше да замине на дополнителен корективен зафат. Поради тие проблеми, поранешниот играч на Јувентус ја пропушти целата сезона 2025/26.
Закрепнувањето траеше година и пол и се состоеше од индивидуални тренинзи во теретана и интензивна рехабилитација. Настапот против Ковентри го означи крајот на речиси 18-месечното отсуство од терените, што беше еден од најтешките периоди во неговата кариера.