Фудбал

Крај на „пеколот“ за Швеѓанецот од Македонија: После 477 дена, одработи цел тренинг

Крај на „пеколот“ за Швеѓанецот од Македонија: После 477 дена, одработи цел тренинг

Долгата голгота за Дејан Кулушевски конечно заврши. Шведскиот репрезентативец по пауза од неверојатни 477 дена повторно одработи целосен тренинг со своите соиграчи во Тотенхем.

Кулушевски се повреди на 11 мај 2025 година на натпреварот против Кристал Палас, по што мораше да оди на операција на коленото. Наместо очекуваниот пократок период за рехабилитација, проблемите се искомплицираа, па во март годинава беше потребна и втора операција.

Отсуството на 26-годишниот офанзивец траеше повеќе од 15 месеци, а поради повредата тој го пропушти и Светското првенство во 2026 година. Во последниот период постепено го зголемуваше интензитетот на тренинзите, а сега конечно доби зелено светло за целосен тренинг со првиот тим.

Тренерот на Тотенхем, Роберто Де Зерби, неодамна истакна дека Кулушевски работи напорно и дека доколку продолжи да се чувствува добро, би можел да биде вклучен во составот за натпреварите во Премиер лигата.

„Ќе бидам многу среќен да го видам Кулушевски на списокот. Работи многу добро и напорно. Тој е добар човек и поинаков играч. Ако продолжи да се чувствува како сега, ќе биде на списокот“, изјави Де Зерби.

Самиот Кулушевски го прослави ова со торта, на која ги имаше бројките 477, колку што му требаа денови да се врати на целосните тренинзи.

Кулушевски е шведски репрезентативец, но има потекло од Македонија и често во минатото доаѓаше во нашата земја. Инаку тој има и настапи за младите селекции на Македонија, по што потоа се одлучи да игра за Шведска.