Фудбал

Крај на една ера: Един Џеко се простува од репрезентацијата на БиХ

Крај на една ера: Един Џеко се простува од репрезентацијата на БиХ

„Сега чувствувам дека дојде време да се повлечам“ – легендарниот напаѓач потврди дека дуелот со Шведска ќе биде негов последен во националниот дрес.

Една од најголемите легенди на босанскиот фудбал, Един Џеко, донесе одлука да стави крај на репрезентативната кариера.

Четириесетгодишниот напаѓач потврди дека натпреварот против Шведска на 2 октомври ќе биде негов последен настап за репрезентацијата на Босна и Херцеговина. Џеко својата одлука ја соопшти преку емотивна порака на социјалните мрежи, во која се потсети на речиси две децении поминати во националниот тим.

„Понекогаш се прашував кога ќе дојде овој момент, но никогаш не можев да замислам колку емотивно ќе биде додека ги пишувам овие зборови. На 2 октомври, против Шведска, ќе го одиграм мојот следен и последен натпревар за нашата репрезентација“, порача Џеко.

Тој истакна дека носењето на дресот на Босна и Херцеговина за него било нешто посебно и дека ниту еден момент од неговата богата клупска кариера не може да се спореди со чувството што го имал кога настапувал за својата земја.

„Тоа беше мојот детски сон, сон кој го носев со себе секој од 151 пат кога имав чест да ја претставувам мојата земја на фудбалскиот терен. Секогаш бев подеднакво горд што го носам тој дрес, како и првиот пат“, напиша капитенот на БиХ.

Џеко за репрезентацијата дебитираше во 2007 година против Турција, а во изминатите речиси 20 години стана апсолутен рекордер на националниот тим.

Во досегашните 151 настап постигна 73 гола, што го прави најдобар стрелец во историјата на Босна и Херцеговина, а истовремено е и фудбалерот со најмногу репрезентативни настапи.

Како еден од најзначајните моменти во кариерата го издвојува пласманот на Светското првенство во 2014 година во Бразил – првиот мундијал во историјата на Босна и Херцеговина.

„Пласманот на нашето прво Светско првенство во 2014 година и понатаму е еден од најсреќните моменти во мојот фудбалски живот“, порача Џеко.