Германскиот стратег одлучи да не го продолжи договорот кој му истекува во летото 2027 година. Шмит го предводеше клубот од 2007 година и го однесе од пониските лиги до Бундеслигата и настапите на европската сцена.
Една од најдолгите тренерски приказни во европскиот фудбал ќе заврши во летото 2027 година. Франк Шмит одлучи по речиси две децении да го напушти Хајденхајм, откако соопшти дека нема да го продолжи договорот со клубот.
52-годишниот тренер самостојно ја донел одлуката, иако раководството на Хајденхајм имало голема желба соработката да продолжи.
„Во изминатите неколку недели созреа мојата одлука. По речиси 20 години на клупата на Хајденхајм, едноставно сакам да направам пауза“, објасни Шмит.
Тој го презеде тимот во 2007 година и стана едно од најпрепознатливите имиња во историјата на клубот. Под негово водство, Хајденхајм постепено се искачуваше низ германските лиги, сè до историскиот пласман во Бундеслигата, а потоа и настапите на европската сцена.
Интересно е што Шмит засега нема конкретен план за продолжување на тренерската кариера.
„Колку ќе трае паузата и што ме очекува по 1 јули, во моментов воопшто не размислувам. Напротив, си забранувам да размислувам за тоа до тогаш“, порача германскиот стратег.
Својата одлука тој веќе му ја соопштил на претседателот на клубот, Холгер Санвалд, за Хајденхајм навреме да може да започне со планирањето на иднината.



