Ненад Димитријевиќ одново е со репрезентација и најавува победа во Виена на дуелот со Австрија.
Македонската кошаркарска репрезентација ги започна подготовките за претстојниот важен натпревар против Австрија, а во националниот тим повторно е и капитенот Ненад Димитријевиќ.
Собирот на репрезентативците беше одржан во „Т Арената“ во Скопје, каде што селекторот Жозеп Марија Берокал и неговиот стручен штаб ги имаа на располагање кошаркарите за првиот тренинг во подготовките за дуелот со Австрија.
Посебно внимание привлече враќањето на Димитријевиќ во сениорскиот состав. Најдобриот македонски кошаркар повторно ќе биде еден од главните адути на репрезентацијата во обидот да се обезбеди пласман на Европското првенство.
Димитријевиќ не крие дека мотивот е голем и дека е подготвен максимално да се посвети на националниот тим.
„Ќе дадам сè од себе за да стигнеме до Европското првенство“, порача Димитријевиќ по враќањето во репрезентацијата.
Неговото присуство е голем плус за селекторот Берокал, особено поради квалитетот и искуството кое плејмејкерот го поседува. Од него се очекува да биде еден од лидерите на теренот во важниот натпревар против Австрија.
Во следниот период фокусот ќе биде ставен на тактичката подготовка, усогласувањето на играта и максималното подготвување за противникот. Стручниот штаб ќе работи на сите детали кои би можеле да бидат клучни во натпреварот.
Македонија пред себе има значаен предизвик, а враќањето на Димитријевиќ дополнително ги зголемува очекувањата. Тој за Австрија вели дека е сериозна селекција.
„За селекцијата на Австрија знаеме дека е сериозна екипа која игра ‘ран ен ган’ кошарка. Мислам дека е незгоден ривал, но имаме осум до девет дена да се спремиме заедно за мечот и да одиме во Виена на таа посакувана победа“, вели Димитријевиќ.