Италијанскиот стратег потврди дека засега нема конкретни преговори со ниту еден клуб, но не ја исклучи можноста за враќање на тренерската работа.
Антонио Конте се огласи со официјална изјава по шпекулациите дека би можел да го преземе Манчестер Јунајтед. Италијанскиот тренер не го спомена директно англискиот гигант, но јасно стави до знаење дека засега нема напредни преговори за неговиот следен ангажман.
Конте во последниот период се поврзуваше со клупата на „црвените ѓаволи“, кои размислуваат за иднината на Мајкл Карик. Сепак, англиските медиуми објавија дека Италијанецот не е меѓу главните кандидати, бидејќи раководството на клубот наводно не е подготвено да му ги даде целосните овластувања што ги бара.
Дополнителни сомнежи постојат и поради неговиот темперамент и можноста за несогласувања со управата, нешто што веќе се случувало во неговите претходни клубови.
Конте реши да реагира преку социјалните мрежи, нагласувајќи дека досегашните информации за неговите барања се шпекулации.
„Моето име се поврзува со неколку клубови, но во моментов нема преговори што се во напредна фаза. По прекрасниот и успешен период на чело на Наполи, ќе си одвојам доволно време за да размислам кога и како да се вратам на тренерската работа. Тоа ќе биде внимателно донесена одлука, кога ќе проценам дека условите се соодветни“, порача Конте.
Тој ги демантираше и тврдењата дека веќе поставил финансиски услови или барал целосна контрола врз клубот во кој би работел.
„Прочитав информации за финансиски барања и барања за целосна контрола, кои наводно веќе сум ги упатил до споменатите клубови, како и за загриженост поради она што се опишува како мој силен карактер. Овие тврдења се неосновани, бидејќи во моментов нема конкретна основа за такви процени“, истакна италијанскиот стратег.
Конте остави отворена можност за нов ангажман, но нагласи дека евентуалните услови ќе бидат тема на разговор дури кога ќе се појави конкретна понуда.
„Дотогаш, сите претпоставки за моите барања и мојата професионална иднина остануваат на ниво на шпекулации и не можат да се сметаат за факти“, заклучи Конте.