Фудбал

Компани за Олисе: Тој е светска класа, го приметува она кое другите не го гледаат

Компани за Олисе: Тој е светска класа, го приметува она кое другите не го гледаат

Тренерот на Баерн Минхен смета дека Французинот не се издвојува само по талентот, туку и по менталитетот и способноста да ги забележи деталите што другите ги пропуштаат.

Венсан Компани има само пофални зборови за Мајкл Олисе, кој во последниот период се наметна како еден од најважните и највпечатливи фудбалери на Баерн Минхен.

Белгискиот стратег смета дека 24-годишниот Французин поседува потенцијал да биде меѓу најдобрите фудбалери во светот, а причината не е само неговиот огромен талент.

„Мислам дека фудбалер со таков талент како Мајкл Олисе секогаш ќе успева и секогаш ќе биде меѓу најдобрите. Не станува збор само за неговиот талент, туку и за менталитетот и вниманието кон деталите. Тој има способност да забележи работи кои другите не ги гледаат, а тоа се забележува дури и на тренинзите“, изјави Компани.

На прашањето дали Олисе веќе може да се смета за светска класа, тренерот на Баерн немаше дилема.

„Да, апсолутно. Без никакво сомневање. Тоа е само потврда на она што веќе го постигна. Во последните неколку години направи многу чекори напред“, додаде Компани.

Компани, сепак, нагласи дека најважно за фудбалерите со огромен потенцијал е да ја задржат гладта за успех и во моментите кога повеќе не добиваат постојани пофалби.

„На ваквите играчи најважно им е да ја задржат желбата за победа, дури и кога ќе се најдат во средина во која повеќе не ги фалат постојано. Ние можеме да помогнеме, но не можеме да претвориме некого во светска ѕвезда. Тој потенцијал веќе мора да постои во самиот играч“, објасни тренерот на Баерн.