Комо продолжува да воодушевува со настапите во Серија А, откако на домашен терен го совлада Сасуоло со 2-0 во рамките на осмото коло од италијанскиот шампионат.
Главниот јунак на натпреварот беше грчкиот напаѓач Анастасиос Дувикас, кој со два погодоци во второто полувреме му ја донесе победата на својот тим. Дувикас првпат погоди во 49. минута, а десет минути подоцна повторно ја затресе противничката мрежа за конечни 2-0.
Со новиот триумф, Комо ја продолжи одличната серија и стигна до 17 бода, со што останува веднаш зад водечките екипи Интер и Лацио, кои имаат по два бода повеќе.
До победа на гостински терен стигна и Болоња, која славеше со 2-0 против Каљари. Гостите поведоа во 57. минута преку Николо Казале, додека Федерико Бернардески во 80. минута ја потврди победата и ги постави конечните 0-2.
За Болоња ова е значаен триумф со кој тимот се враќа на победничките патеки во Серија А. Каљари, пак, го забележа третиот пораз сезонава, но засега останува во горниот дел од табелата со освоени 13 бода.



