Фудбал

Клубот на Роналдињо го објави датумот на кој бразилската легенда ќе дебитира

Клубот на Роналдињо го објави датумот на кој бразилската легенда ќе дебитира

Бразилската фудбалска легенда Роналдињо на 46-годишна возраст повторно ќе заигра фудбал. Тој ќе настапи за италијанска Равена, клуб во кој е косопственик и чии дресови го носат неговиот бренд „R10“.

Клубот потврди дека освојувачот на „Златната топка“ за 2005 година ќе ги одигра своите први минути на 15 ноември, на дербито од третата италијанска лига против Форли.

Роналдињо и италијанскиот клуб уште во август се договориле поранешниот фудбалер на Пари Сен Жермен и Барселона да одигра најмалку еден официјален натпревар.

„Долгоочекуваниот датум конечно е потврден. Во недела, на 15 ноември, точно во 17:30 часот, бразилската легенда ќе го носи дресот на Равена на дербито против Форли. Овој натпревар ќе го насочи вниманието на целиот свет кон стадионот „Бруно Бенели““, се наведува во соопштението.

Од клубот упатија и емотивна порака:

„Постојат играчи кои ги паметиме по успесите, а постојат и оние кои ги паметиме по магијата што ја создаваа. Роналдињо припаѓа на ретката категорија шампиони кои го претвораат фудбалот во чиста радост со еден неочекуван потег, допир на генијалност и насмевка што обедини цели стадиони и генерации навивачи. На 15 ноември емоциите ќе бидат силни, а дополнително ќе ги засилат страста на навивачите на „џалоросите“ и вжештената атмосфера на дербито, кое е длабоко вкоренето во идентитетот на градот.“

Роналдињо е еден од фудбалерите кои го одбележаа почетокот на 21 век. Врвот на индивидуалниот успех го достигна во 2005 година, кога ја освои „Златната топка“.