Германскиот стратег се присети на португалскиот напаѓач во новата биографска книга посветена на неговиот живот и кариера, признавајќи дека трагедијата и по повеќе од една година му предизвикува огромна болка.
Поранешниот менаџер на Ливерпул, Јирген Клоп, призна дека сè уште не успеал да ја прифати трагичната смрт на Диого Жота, кој загина во сообраќајна несреќа во летото 2025 година, заедно со својот брат Андре Силва.
Германскиот стратег сподели емотивни спомени за португалскиот напаѓач во новата биографска книга „Диого Жота: Засекогаш во нашите срца“, откривајќи колку тешко ја поднел веста за смртта на фудбалерот со кого соработуваше во Ливерпул.
„Имам 58 години и знам дека смртта е неизбежен дел од животот. Со годините човек учи да прифаќа такви работи. Но, кога слушнав за несреќата на Диого, бев во целосен шок и не можев да изустам ниту збор“, раскажа Клоп.
Тој откри дека во првите моменти по дознавањето на трагичната вест не можел ниту да поставува прашања за околностите во кои се случила несреќата.
„Не прашав како или каде се случило. Едноставно се вкочанив и се обидував да сфатам што се случило. До ден-денес не успеав да го преболам тоа. Поминав поголем дел од животот зборувајќи, но сега зборовите едноставно ми недостигаат. Неверојатно е тешко“, признава германскиот стручњак.
Клоп откри и дека веднаш прифатил да учествува во создавањето на книгата, бидејќи сакал да зборува за Жота и да се присети на заедничките моменти. Сепак, дури подоцна сфатил колку емотивно тешко му паѓа враќањето на спомените.
Клоп се присети и на моментот кога првпат решил дека сака да го доведе Жота во Ливерпул. Португалецот тогаш настапуваше за Вулверхемптон, а неговите квалитети веднаш го привлекле вниманието на германскиот тренер.
„Гледав натпревар на Вулвс. Диого се повлече на левата страна, користејќи ја својата физичка сила, извонредната техника и моќта. Веднаш си реков: ‘Го сакам овој играч!’ Тоа беше внатрешно чувство на кое обично можеш да му веруваш“, откри Клоп.
Тој објасни дека трансферот на Жота бил поинаков од вообичаениот начин на кој Ливерпул ги избирал засилувањата. Вообичаено, тренерот тесно соработувал со скаутите и спортските директори, кои му доставувале листа на потенцијални играчи за одредена позиција.
Во случајот со португалскиот напаѓач, иницијативата дошла директно од него.
„Побарав детални анализи за него, бидејќи бев силно импресиониран од неговите квалитети. Ни требаше разновиден фудбалер кој може да игра на повеќе позиции, а Жота го имаше и вистинскиот менталитет за Ливерпул“, објасни Клоп.



