Кошарка

КК Соколи 1933 од Штип нов член на кошаркарската Суперлига

КК Соколи 1933 од Штип нов член на кошаркарската Суперлига

КК „Соколи 1933“ од Штип е нов член на Суперлигата – мажи и ќе биде дел од највисокото македонско кошаркарско друштво во сезоната 2026/27.

Кошаркарската федерација на Македонија, по разгледувањето на пристигнатите пријави и доставената документација, утврди дека штипскиот клуб ги исполнува сите услови за пополнување на испразнетото место во Суперлигата.

За слободното место конкурираа „Соколи 1933“ – Штип, „Феникс 2010“ – Скопје и „Шкупи“ – Скопје, но Комисијата за лиценцирање констатираше дека единствено штипскиот клуб ги исполнува пропишаните услови.

„Феникс 2010“ во моментов не ги исполнува условите согласно Пропозициите за натпреварување и Правилникот за натпреварување на КФМ, додека „Шкупи“, кој не настапуваше во системот на натпреварување во сезоната 2025/26, не ги исполни условите за стекнување право на настап во највисокиот ранг.

По донесената одлука, „Соколи 1933“ и официјално станува нов суперлигаш, со што Штип повторно ќе има свој претставник во елитната македонска кошарка.

Суперлигата – мажи во сезоната 2026/27 ќе ја сочинуваат:

  • МЗТ Скопје Аеродром
  • Маџари
  • Пелистер
  • ТФТ
  • Кожув
  • Тиквеш Голден Игл
  • Куманово
  • Работнички
  • Струмица 2001
  • Соколи 1933 – Штип