Фудбал

Кинезите покажаа дека не се шегуваат и буквално ги избришаа Мбапе и Реал Мадрид

Кинезите покажаа дека не се шегуваат и буквално ги избришаа Мбапе и Реал Мадрид

Кинеската државна телевизија CCTV изминатиот викенд не ги пренесуваше натпреварите од шпанската Ла Лига. Преносите беа суспендирани како одговор на изјавата на францускиот фудбалер Килијан Мбапе за интернет-мем на кој е прикажан поранешниот кинески лидер Мао Це Тунг.

Во официјалната програмска шема на CCTV не се најде ниту еден натпревар од шпанското првенство, а од апликацијата на државната телевизија беа отстранети сите преноси и снимки од Реал Мадрид. Дигиталната платформа „Мигу“, која е ексклузивен дигитален партнер на Ла Лига во Кина, ги задржа повеќето преноси, но од нејзината понуда беше повлечен натпреварот на мадридскиот клуб. Исто така, беа избришани и претходните снимки од головите и настапите на Мбапе, објави „Марка“.

Целиот случај започна по интервју во кое францускиот напаѓач откри дека еден од неговите омилени интернет-мемови е оној на кој неговото лице е монтирано на телото на „кинески диктатор“. Иако Мбапе директно не го спомена Мао Це Тунг, на фотомонтажата јасно се гледа основачот на современата кинеска држава.

Неговата изјава предизвика остри реакции во Пекинг. Неколку кинески компании веднаш ги раскинаа спонзорските договори, додека државната телевизија ги отстрани натпреварите од Ла Лига од програмата и престана да ги емитува сите реклами во кои се појавува францускиот фудбалер.

По бурните реакции, Мбапе се извини на француски, кинески и англиски јазик. Претседателот на Ла Лига, Хавиер Тебас, испрати официјално писмо до Кинеската медиумска група (CMG), а со извинување се огласи и Реал Мадрид, кој нагласи дека има длабока почит кон Кина.

Сепак, очигледно извинувањата не беа доволни за Кинезите да му простат на францускиот голгетер.