Италијанецот на само 20 години испиша историја и стана најмладиот светски шампион во Формула 1. Неговиот пат до врвот започнал уште на петгодишна возраст, а зад него стојат години доминација во младинските категории.
Андреа Кими Антонели е новата голема ѕвезда на Формула 1. Италијанскиот возач на Мерцедес на само 20 години стигна до најголемиот успех во кариерата, освојувајќи ја светската титула и испишувајќи историја како најмладиот шампион во најбрзиот автомобилски спорт.
Антонели ја завери титулата на Големата награда на Мексико, каде што го освои третото место, што беше доволно да ја обезбеди шампионската круна четири трки пред крајот на сезоната. Со тоа го надмина досегашниот рекордер Себастијан Фетел, кој првата титула ја освои на 23 години.
Но, зад историскиот успех на младиот Италијанец се крие приказна за момче кое уште од најрана возраст било опседнато со брзината.
Од петгодишна возраст e зад воланот
Кими Антонели е роден на 25 август 2006 година во Болоња, Италија. Љубовта кон автомобилите ја наследил од семејството. Неговиот татко Марко бил автомобилски натпреварувач и сопственик на тркачкиот тим „АКМ Моторспорт“, додека мајка му Вероника Помаро исто така била вклучена во автомобилскиот спорт.

Иако неговиот татко првично се надевал дека Кими ќе се посвети на фудбалот, момчето брзо се вљубило во автомобилите. Интересно е што Антонели е голем обожавател на Лионел Меси, но кога станува збор за спортски идоли, неговиот избор е легендарниот Аиртон Сена.
Првпат седнал зад воланот на картинг на само пет години, а веќе две години подоцна започнал да учествува на официјални натпреварувања. Неговиот талент брзо бил забележан, па во 2019 година, кога имал само 12 години, станал дел од јуниорската програма на Мерцедес.
Доминација во младинските категории
Антонели со неверојатна брзина напредувал низ младинските категории. Во 2020 година ја освоил европската титула во картинг, а една година подоцна успеал да го повтори успехот.
Во 2022 година направил голем исчекор во Формула 4, каде што ги освоил италијанскиот и германскиот шампионат. Во истата година забележал дури 22 победи, 21 пол-позиција и 27 пласмани на подиумот.
Неговата доминација продолжила и во 2023 година, кога ги освоил титулите во Формула Регионал на Блискиот Исток и европскиот шампионат во истата категорија.

Поради неговиот огромен потенцијал, Мерцедес и тимот Према одлучиле да го прескокне шампионатот Формула 3 и директно да премине во Формула 2.
Таму во 2024 година остварил две победи, на Силверстоун и во Будимпешта, а сезоната ја завршил на шестото место во генералниот пласман.
Го наследи Хамилтон во Мерцедес и веднаш покажа квалитет
Влезот во Формула 1 следувал во 2025 година, кога Мерцедес му ја доверил една од најголемите одговорности во спортот – местото на седумкратниот светски шампион Луис Хамилтон, кој замина во Ферари.
Антонели доби можност да вози покрај Џорџ Расел и уште во дебитантската сезона покажа дека одлуката на Тото Волф била вистинска.

Првата сезона ја заврши на седмото место со 150 освоени бодови и три пласмани на подиумот, а во 2026 година направи уште поголем чекор напред.
Во актуелната сезона Италијанецот забележа девет победи, 15 пласмани на подиумот и седум пол-позиции пред трката во Мексико, со што се наметна како доминантна фигура во шампионатот.
Бројот 12 во чест на Сена
Една од интересните детали поврзани со Антонели е неговиот стартен број 12. Тој не е случајно избран, туку претставува посвета на неговиот голем идол Аиртон Сена, кој во осумдесеттите години настапуваше со истиот број во Лотус и Мекларен.
Познат е и по смирениот карактер, прецизните реакции зад воланот и способноста да го контролира болидот во тешки услови, особено на дождлива патека.
Надвор од автомобилскиот спорт, Антонели е голем љубител на фудбалот и кошарката. Навива за Болоња и кошаркарскиот клуб Виртус од својот роден град, а посебно го обожава Лионел Меси.
Сега, на само 20 години, неговото име веќе е запишано во историјата на Формула 1. Италија по пауза од 73 години повторно има светски шампион во најпрестижното автомобилско натпреварување, а Кими Антонели го направи тоа на начин на кој никој досега не успеал.