Тренерот на Интер не беше задоволен од играта на своите фудбалери против Венеција, и покрај победата од 2:0.
Кристијан Киву не го криеше незадоволството од играта на Интер во победата од 2:0 на гостувањето кај Венеција во деветтото коло од Серија А. Романскиот стратег беше исклучително искрен по натпреварот, признавајќи дека доколку имал можност, на полувремето би заменил дури 10 фудбалери.
„Да можев да сменам 10 играчи на полувремето, ќе ги сменев сите и ќе го задржев само Проведел. Затоа не треба да обвинуваме никого поединечно“, изјави Киву, осврнувајќи се на слабото издание на својот тим.
Интер тешко стигна до трите бода против последнопласираниот тим во италијанското првенство. Иако важеше за голем фаворит, тимот од Милано долго време не успеваше да го скрши отпорот на домаќините, па победата ја обезбеди дури во финишот, и тоа со два автогола на фудбалерите на Венеција.
Матјас Морено во 80. минута ја затресе сопствената мрежа, а само две минути подоцна истото го направи и Редуан Халхал за конечни 2:0.
Киву посебно беше запрашан и за настапот на Александар Станковиќ, кој првпат сезонава беше стартер во Серија А, но беше заменет на полувремето.
„Не е фер да го оценуваме негативно. Тој беше на нивото на остатокот од тимот во првото полувреме. Мораме да се подобриме во многу аспекти. Одигравме лош натпревар, а имавме голман кој нè одржа во игра со неколку одлични интервенции“, додаде тренерот на Интер.