Фудбал

Кејн е страшен: Само еден човек имал подобра голгетерска серија од него во ЛШ

Кејн е страшен: Само еден човек имал подобра голгетерска серија од него во ЛШ

Англискиот голгетер продолжува да ги тресе противничките мрежи во елитното европско натпреварување. Со девет натпревари по ред на кои постигнува гол, напаѓачот на Баерн Минхен се доближи до рекордот на Кристијано Роналдо.

Хари Кејн продолжува да испишува нови страници во историјата на Лигата на шампионите. Напаѓачот на Баерн Минхен постигна гол на девет последователни натпревари во елитното европско натпреварување, со што се израмни со Руд ван Нистелрој, Роберт Левандовски и Кристијано Роналдо во ова достигнување.

Пред англискиот репрезентативец сега е уште само Роналдо, кој го држи рекордот со 11 натпревари по ред на кои постигнувал голови, остварен во сезоната 2017/18.

Кејн беше двоен стрелец на дуелот против норвешкиот Викинг, на кој Баерн одигра 3:3, иако имаше негатива од 0:2. Голгетерот најпрво погоди од белата точка во 54. минута, а само две минути подоцна повторно ја затресе противничката мрежа.

Неговата голгетерска серија трае од 21 јануари до 13 октомври 2026 година, период во кој постигна вкупно 11 голови. Серијата ја започна со два погодоци против Унион Сен Жилоа, а продолжи и низ нокаут-фазата, вклучувајќи ги и двата полуфинални натпревари против Пари Сен Жермен, по кои Баерн беше елиминиран.

На Кејн му се потребни уште два натпревари со постигнат гол за да го израмни рекордот на Роналдо. Следните предизвици за Баерн се дуелите со Арсенал и Атлетико Мадрид, на кои англискиот напаѓач ќе има можност да се доближи и да го израмни рекордот.

Роналдо својата рекордна серија ја започна со два гола во победата на Реал Мадрид над Јувентус со 4:1 во финалето на Лигата на шампионите во 2017 година. Во текот на серијата, португалската суперѕвезда постигна вкупно 17 голови.