Фудбал

Кварацхелија доживеа тежок удар, а потоа ПСЖ покажа дека е голем клуб

Кварацхелија доживеа тежок удар, а потоа ПСЖ покажа дека е голем клуб

Грузискиот ас ја заврши сезоната по повредата на коленото, но од Париз пристигна вест што ќе му даде дополнителна мотивација за враќање на терените.

Пари Сен Жермен покажа дека стои зад своите фудбалери и во најтешките моменти. Иако Хвича Кварацхелија се соочи со сериозна повреда на коленото, францускиот гигант реши да му понуди нов договор, со што испрати јасна порака дека смета на него и во иднина.

Грузискиот репрезентативец се повреди на натпреварот против Барселона во Лигата на шампионите, на кој ПСЖ славеше со 4:2. Деталните лекарски прегледи потврдија дека станува збор за скинати предни вкрстени лигаменти на десното колено, поради што ќе мора да биде опериран и го очекува повеќемесечна пауза.

Тешката повреда значи дека Кварацхелија најверојатно ќе го пропушти остатокот од сезоната, што е голем удар и за него и за европскиот шампион.

Сепак, во тешките моменти пристигна и позитивна вест. Според пишувањата на француските медиуми, раководството на ПСЖ му понудило нов договор со важност од дополнителни три години.

Финансиските детали засега не се познати, но, според информациите, доколку ја прифати понудата, Кварацхелија би можел да се најде меѓу тројцата најплатени фудбалери во тимот од Париз.

Со овој потег, ПСЖ покажува дека повредата нема да ја промени довербата во грузискиот офанзивец, кој е еден од важните играчи во проектот на клубот. Наместо да чекаат да се врати на теренот, парижаните решиле уште сега да му ја потврдат поддршката.

За Кварацхелија сега следува тежок период на операција и рехабилитација, но понудата од клубот сигурно ќе му даде дополнителна мотивација да се врати уште посилен.