Менаџерот на „црвените ѓаволи“ ја презеде одговорноста за кризата по седум натпревари без победа и порача дека е целосно уверен оти може да ја промени ситуацијата.
Мајкл Карик одржа емотивен говор на прес-конференцијата на Манчестер Јунајтед, во кој испрати јасна порака дека никој не е поголем од клубот. Неговото обраќање дојде по серијата од седум натпревари без победа и тешкиот пораз од Комо (1:4).
„Манчестер Јунајтед е поголем од секој поединец. Не смееме да ги изгубиме вредностите врз кои е изграден овој клуб“, порача Карик, потсетувајќи на наследството на легендите како Рајан Гигс, Вејн Руни и Сер Алекс Фергусон.
Англискиот стратег ја презеде одговорноста за лошите резултати и им се извини на навивачите, кои вложуваат време и пари за да го поддржат тимот.
„Не беше прифатливо да играме на таков начин против Комо. Мојата одговорност е да изведам тим што ќе го претставува клубот и навивачите на вистински начин“, истакна Карик.
Тој откри дека разговарал со раководството и дека тимот работи на промени пред следниот натпревар. Воедно, не сакаше да открива детали за разговорите со капитенот Бруно Фернандеш, кој претходно ја критикуваше тактиката на менаџерот.
И покрај притисокот и шпекулациите за неговата иднина, Карик остана решителен.
„Сто проценти сум сигурен дека можам да ја променам ситуацијата. Ова боли, но ме мотивира да работам уште повеќе. Знам што треба да направиме за повторно да почнеме да победуваме“, порача менаџерот на Манчестер Јунајтед.