Фудбал

Карик: Не ми требаат никакви гаранции, со Бруно заедно ќе го водиме Манчестер Јунајтед

Карик: Не ми требаат никакви гаранции, со Бруно заедно ќе го водиме Манчестер Јунајтед

Англискиот стратег не бара уверувања за својата иднина на „Олд Трафорд“, туку е фокусиран на подобрување на резултатите. Тој застана во одбрана на капитенот Бруно Фернандеш пред дуелот со Челзи.

Мајкл Карик не бара никакви гаранции за својата иднина во Манчестер Јунајтед, и покрај кризата низ која минува тимот. Англискиот стратег истакна дека целосно ја разбира одговорноста што ја носи и дека неговиот приоритет е да го подобри изданието на екипата, која се подготвува за дуелот со Челзи.

Манчестер Јунајтед се наоѓа во тешка ситуација по разочарувачкиот резултат против Борнмут минатиот викенд. Според актуелните информации, клубот одлучил Карик засега да остане на функцијата, по серијата состаноци на раководството на почетокот на неделата.

„Не ми требаат уверувања од никого. Целосно ја разбирам ситуацијата, ја разбирам мојата работа, одговорноста и сè што доаѓа со неа. Навистина немам потреба некој да ме уверува во тоа“, изјави Карик.

Тој призна дека по натпреварот со Борнмут владеело разочарување, но нагласи дека вниманието веднаш било насочено кон работите што можат да се подобрат пред следниот предизвик.

„Резултатот и справувањето со него беа главните работи на кои се фокусиравме. Што можеме да подобриме? Што може да направи разлика? Мојот фокус беше враќањето на тренинзите и подготовката за натпреварот со Челси“, додаде менаџерот на Јунајтед.

Карик истакна дека не обрнува внимание на шпекулациите и критиките надвор од клубот, туку го интересира како навивачите се чувствуваат и што гледаат од својот тим на теренот.

„Ме интересира што мислат навивачите, како се чувствуваат на стадионот и на гостувањата, како и што им даваме и што гледаат од нас. Искрено, не обрнувам внимание на ништо друго. Знам во што треба да бидеме подобри и не ми треба некој друг да ми го кажува тоа“, порача тој.

И покрај слабите резултати, тренерот тврди дека во соблекувалната постојат желба и амбиција за промена. Според него, фудбалерите се свесни дека мораат да победуваат почесто, но тимот и понатаму има енергија и мотивација за напредок.

Карик посебно го бранеше капитенот Бруно Фернандеш, нагласувајќи дека Португалецот останува клучна фигура во екипата и дека заедно ќе продолжат да го водат тимот.

„Тој е важен играч за овој тим и таков беше во изминатите години. Бруно го водеше тимот одлично во многу натпревари и ќе продолжи да го прави тоа. Целосно му е посветен на клубот и сака работите да се подобрат“, изјави Карик.

„Тој е капитенот на нашиот клуб. Постојат различни личности, карактери и начини на лидерство. На крајот, сè се сведува на она што се случува на теренот и на тоа дали победувате. Бруно длабоко се грижи за клубот и за тимот и очајно сака да успееме. Заедно ќе го водиме тимот“, додаде англискиот стратег.