Фудбал

Историски подвиг: Американките на натпревар од Светско првенство победија 17-0 (ВИДЕО)

Историски подвиг: Американките на натпревар од Светско првенство победија 17-0 (ВИДЕО)

Женската кадетска репрезентација на САД испиша историја на Светското првенство за фудбалерки до 17 години во Мароко, откако на отворањето на натпреварувањето ја совлада Самоа со неверојатни 17-0. Станува збор за најубедливата победа во историјата на светските фудбалски првенства во форматот 11 на 11, во машка или женска конкуренција.

Хероина на натпреварот беше Меди Ди Марија, која постигна шест гола. Според податоците на Фудбалската федерација на САД, досега ниту една фудбалерка не постигнала толку голови на еден натпревар од Светското првенство до 17 години. Таа стана и првата Американка што постигнала шест гола на еден натпревар во која било репрезентативна категорија.

По два гола постигнаа Лорадана Палета, која забележа и три асистенции, и Каролина Рејна. Меѓу стрелците беа и Миа Корона, Грејс Мареј, Амари Менинг, Деус Стенислаус, Иса Ортиз, Меила Бруер и Џана Ханф.

Колку беше едностран натпреварот најдобро покажува статистиката на ударите: Американките упатија 58 удари кон голот, додека Самоа не упати ниту еден.

Во вториот натпревар на турнирот, Американките ќе се соочат со Кенија и тој дуел е закажан за на 22 октомври.