Претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, не планира да се повлече од функцијата и е убеден дека ќе добие нов мандат.
Инфантино доби жестоки критики по контроверзниот предлог за комерцијализација на приходите од Светското првенство (СП), по што ја призна грешката и им се извини на членовите на Советот.
Првиот човек на ФИФА, сепак, не се предава и не ја повлекува кандидатурата за нов мандат. Тој во интервју за „Би-Би-Си“ кажа дека ФИФА има 211 членки и треба да се почитуваат нивните ставови.
„Мене ме избраа 211 членки на федерацијата од целиот свет. Во организација како ФИФА нормално е да постојат различни мислења. Но, ако веруваме во демократијата и во тоа дека секој има еднаков глас, тогаш мора да ги почитуваме и ставовите на огромното мнозинство“, кажа Инфантино.