Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, денеска им се извинил на членовите на Советот на ФИФА поради планот за продажба на правата за Светското првенство на приватни инвеститори. Сепак, тоа не беше доволно за европските фудбалски челници, кои и понатаму бараат негова оставка.
Како што пренесуваат голем дел од најпознатите светски медиуми, Советот на ФИФА се собрал во Цирих за првпат откако во јавноста протече, а потоа беше повлечен тајниот предлог на Инфантино, познат како „FIFA Forward Enterprise (FFE)“. Планот предвидуваше дел од комерцијалните права на организацијата да ги преземе приватна инвестициска компанија.
Инфантино го започнал состанокот, кој траел три и пол часа, со извинување до колегите од Советот затоа што претходно не ги информирал за планот. Потпретседателката на ФИФА и претседателка на Англиската фудбалска асоцијација (ФА), Деби Хјуит, изјави дека тој се извинил со извесно каење, но дека клучните прашања останале без одговор.
На барањето на европските претставници да добијат писмени докази за планот, Инфантино, според Хјуит, побарал прашањата да му бидат доставени во писмена форма.
„Тој човек мора да одговори на тие прашања. Ако не одговори, тогаш не е способен да биде претседател на ФИФА“, изјави Хјуит.
Во изјава за „Би-Би-Си“ таа додала дека Инфантино всушност се извинил само затоа што не го презентирал планот пред Советот, нагласувајќи дека, доколку навистина жали за тоа, треба да ги сподели документите. На прашањето дали ставот на УЕФА кон Инфантино се променил, таа одговори дека од нејзина гледна точка ништо не е променето.
Претседателот на Германскиот фудбалски сојуз, Бернд Нојендорф, еден од осумте претставници на УЕФА во 37-члениот Совет на ФИФА, изјави пред новинарите дека не добиле задоволителни одговори.
„Потребна ни е личност со интегритет, некој од кого може да се очекува да го врати угледот на организацијата, кој несомнено е нарушен“, изјави Нојендорф.
Според ваквите случувања јасно е дека Инфантино тешко може да ја врати изгубената доверба кај европските федерации кои сега бараат смена на претседателската позиција.