Првиот човек на ФИФА ги отфрли шпекулациите за можна оставка и порача дека ја има поддршката на мнозинството, и покрај несогласувањата околу спорниот проект за комерцијалните права.
Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, изјави дека ја има поддршката на „огромното мнозинство“ во светскиот фудбал, отфрлајќи ги шпекулациите за можна оставка по контроверзиите околу проектот за продажба на комерцијалните права.
Во интервју за „Би-Би-Си Спорт“, Инфантино ја истакна својата увереност во позицијата, иако предизвика незадоволство кај дел од раководните структури поради планот поврзан со компанијата „ФИФА Форвард Ентерпрајз“ (ФФЕ).
„Нема ништо лошо во тоа да имаме несогласувања. Тоа се случува секојдневно во многу земји. Нормално е да има различни мислења, но потоа мора да можеме да продолжиме понатаму“, порача Инфантино.
Неговата позиција неодамна беше под притисок откако челниците на УЕФА, Азиската фудбалска конфедерација и КОНКАКАФ испратија критичко писмо, во кое го обвинија за нарушување на довербата во врска со комуникацијата околу спорниот проект.
УЕФА побара целосна документација за ФФЕ, поставувајќи рок до 2 ноември. Генералниот секретар на европската фудбалска централа, Теодор Теодоридис, посочи дека сè уште има важни прашања на кои не е одговорено. Предлогот предвидувал дел од комерцијалните права на турнирите на ФИФА да бидат пренесени на приватен инвестициски фонд, но планот набргу бил отфрлен.
Во меѓувреме, Инфантино спроведе дипломатска офанзива со посети на Мароко, Доминиканската Република, Зеленортските Острови и Јапонија. Тој тврди дека ја има поддршката на Азиската фудбалска конфедерација и на африканските федерации.
Инфантино, кој е на чело на ФИФА од 2016 година, истакна дека конечната одлука за тоа кој ќе ја води светската фудбалска организација им припаѓа на нејзините членки.
„Бев избран од 211 асоцијации од целиот свет. Ако навистина веруваме во демократскиот процес и во тоа дека фудбалот им припаѓа на сите, мораме да го почитуваме мислењето на огромното мнозинство. Ја слушам и ја почитувам секоја позиција, а на крајот членовите на ФИФА ќе одлучат кој ќе ги води“, изјави Инфантино.
Рокот за поднесување кандидатури за претседателските избори во март истекува на 18 ноември. Според објавените информации, засега нема регистрирани противкандидати за актуелниот претседател.