Фудбал

Интер се раздели со долгогодишниот спортски директор

Интер се раздели со долгогодишниот спортски директор

Промени во раководните структури кај „нероазурите“.

Интер официјално објави дека Пиеро Аузилио повеќе не е спортски директор на клубот. По речиси 28 години поминати во „нероаѕурите“, двете страни постигнаа договор за прекин на соработката, со што завршува една од најдолгите приказни во современата историја на италијанскиот гигант.

Аузилио имаше договор со Интер до летото 2027 година, но во последниот период дошло до несогласување околу продолжувањето на соработката. Според информациите од Италија, тој сакал нов договор во траење од три години, односно варијанта 1+2, додека клубот му понудил продолжување за само една сезона. Поради тоа, разделбата доаѓа порано од првично планираното.

И покрај различните ставови околу иднината, разделбата минала без конфликт. Интер веднаш го реши и прашањето околу наследникот, па Дарио Бачин е унапреден на функцијата и ќе ја преземе улогата на главен спортски директор.

Претседателот и извршен директор на клубот, Џузепе Марота, му се заблагодари на Аузилио за долгогодишниот ангажман и за заедничките успеси.

„Би сакал да му се заблагодарам на Пиеро во име на целиот клуб, сопствениците и секој вработен во големото семејство на Интер. Пиеро и јас споделивме моменти на радост, победи, интензивна работа и огромна страст“, порача Марота.

Аузилио, пак, испрати исклучително емотивна порака при заминувањето од клубот. Тој во Интер пристигна уште во 1998 година, кога работеше како секретар во младинската академија. Во декември 2010 година се приклучи кон првиот тим, а од февруари 2014 година ја извршуваше функцијата спортски директор и раководител на техничкиот сектор.

„По 28 незаборавни години дојде најтешкиот момент – да се збогувам со нешто што за мене никогаш не било само тим, туку моја втора кожа. Речиси три децении му го дадов на Интер секој дел од мојот живот, секоја капка енергија и секое отчукување на срцето“, напиша Аузилио.