Аргентинецот го напушта Челси и ќе стане еден од најскапите трансфери во историјата на британскиот фудбал.
Манчестер Сити и Челси постигнаа договор за трансферот на Енцо Фернандез, кој по две и пол години на „Стемфорд Бриџ“ ќе го напушти лондонскиот клуб и кариерата ќе ја продолжи на „Етихад“.
Според последните информации, трансферот ќе изнесува 125 милиони фунти, со што Фернандез ќе стане еден од најскапите играчи во историјата на Премиер-лигата. Ова е израмнување на рекордот на Александар Исак, кој исто така за сума од 125 милиони од Њукасл потпиша за Ливерпул.
Челси даде зелено светло за трансферот, а Фернандез се очекува да ги помине лекарските прегледи пред официјално да го комплетира преминот во Манчестер Сити, за кого ова ќе биде најскапиот трансфер во историјата на клубот.
Аргентинскиот репрезентативец во Челси пристигна во јануари 2023 година од Бенфика за рекордни 106,8 милиони фунти. За лондонскиот клуб одигра повеќе од 100 натпревари и се наметна како еден од најважните фудбалери во тимот.
Сега следува нов предизвик за 25-годишниот играч, кој ќе се пресели во Манчестер Сити и ќе биде големо засилување за средниот ред на тимот.