Македонскиот кикбоксер Бобан Илиоски имаше деби за паметење во силната светска кикбокс организација Глори, откако пред два дена во Антверпен со технички нокаут го совлада Мароканецот Ајмане Латифи уште во првата рунда.
Илиоски на најдобар можен начин го започна својот настап на големата светска сцена, демонстрирајќи го квалитетот и потенцијалот што го поседува. Македонскиот борец по големиот триумф се огласи на социјалните мрежи, каде што не го криеше задоволството од остварениот сон, но и амбициите за она што следува.
„Ова за мене е голем чекор, остварување на еден сон и огромна чест да ја претставувам Македонија на најголемата светска кикбокс сцена“, истакна Илиоски.
Македонскиот кикбоксер нагласи дека зад неговиот настап стојат многу труд, жртва, дисциплина и верба во патот што го избрал. Посебна благодарност упати и до својот тим во Холандија, кој му ја дава потребната поддршка и услови за напредок.
„Посебна благодарност до мојот тим во Холандија, кој верува во мене, ме поддржува и ми ги дава сите услови и насоки за да напредувам и да го достигнам мојот целосен потенцијал. Кога покрај себе имаш луѓе кои веруваат во тебе и кога понекогаш ти е најтешко, знаеш дека си на вистинското место“, порача Илиоски.
Иако дебито го круниса со убедлива победа, Илиоски јасно стави до знаење дека не планира да застане тука. Напротив, успехот во Антверпен за него е само почеток на поглавје за кое долго време работел, а мотивот за нови победи е уште поголем.
„Горд сум на тоа што го постигнав, но уште погладен за она што допрва следува. Продолжуваме да работиме, да растеме и да ги поместуваме границите, со една цел, да го кренеме нашето знаме уште повисоко“, порача македонскиот кикбоксер.
Со импресивниот настап на дебито во Глори, Илиоски испрати силна порака дека е подготвен за нови предизвици и за докажување на најголемата светска кикбокс сцена. Македонската публика, пак, со нетрпение ќе ги очекува неговите следни настапи.