Фудбал

Иднината на Спалети во Јувентус зависи од еден натпревар

Иднината на Спалети во Јувентус зависи од еден натпревар

Наводно бил одржан состанок со тренерот и играчите по дебаклот против Џенова, а дуелот со Наполи може да биде пресуден за иднината на италијанскиот стратег.

Кризата во Јувентус станува сè посериозна, а раководството на клубот реши да преземе конкретни мерки по новото разочарување во Серија А. Поразот од Џенова со 2:0 предизвика големо незадоволство во Торино, па извршниот директор Џовани Карневали одржал состанок со тренерот Лучано Спалети и фудбалерите.

Според информациите на италијанските медиуми, состанокот во тренинг-центарот „Континaса“ поминал во прилично остра атмосфера. Карневали им испратил јасна порака на играчите дека досегашниот пристап и резултатите се неприфатливи и дека е потребна итна реакција.

Од фудбалерите, предводени од капитенот Бремер, било побарано да преземат одговорност и да покажат поинаков однос на теренот, како кон клубот и раководството, така и кон навивачите.

И покрај незадоволството од резултатите, раководството засега му дава поддршка на Спалети. Сепак, неговата позиција е сериозно разнишана, а претстојното дерби со Наполи може да има огромно значење за неговата иднина на клупата на „старата дама“.

Како дополнителна мерка, Јувентус ќе замине во изолација во клупскиот тренинг-центар, каде што ќе се подготвува за неделниот натпревар против Наполи. Одлуката ја донел самиот Спалети, а раководството ја поддржало.

Јувентус по девет одиграни кола има само 12 освоени бода, се наоѓа на осмото место на табелата и заостанува 11 бода зад водечките Интер и Лацио. Тимот веќе запиша три порази во првенството, а неуспехот против Џенова дополнително ја продлабочи кризата.

За Спалети претстојниот период може да биде пресуден. Натпреварот со Наполи е првата голема можност за реакција, а секој нов кикс дополнително ќе го зголеми притисокот врз искусниот стратег.