Селекцијата на Франција со минимални 1-0 славеше над Парагвај, во натпревар кој помина во знакот на исклучително агресивната и груба игра на јужноамериканската репрезентација.
Парагвајците се одлучија за деструктивна дефанзивна тактика со низа остри стартови. Француските фудбалери константно беа мета на фаули и провокации, поради што тешко го кршеа отпорот на противникот. Човек на одлука беше Килијан Мбапе, кој го постигна единствениот гол од пенал.
Свој коментар за случувањата на теренот даде легендарниот Златан Ибрахимовиќ, кој на ова Светско првенство има улога на стручен аналитичар за телевизијата „Фокс“.
„Да бев јас на теренот вечерва, сигурно ќе заработев 4-5 црвени картони. Едноставно не поднесувам провокации, сакам да се игра чист фудбал. Сепак, Франција покажа неверојатна присебност, момците останаа смирени и им се насмевнаа во лице. Тоа е всушност најдобриот одговор на ваква игра – насмевнете се и воопшто не реагирајте на нивните провокации“, истакна Ибрахимовиќ.