Тенис

Зверев спаси четири меч-топки, една победа го дели од број 1 на АТП листата

Зверев спаси четири меч-топки, една победа го дели од број 1 на АТП листата

Малку недостигаше Александер Зверев повторно да се „удави“ на чекор до голем подвиг. На Германецот во Виена пласманот во четвртфиналето му носи деби на првото место, но беше на работ на пораз уште во првото коло.

Мартин Ландалусе, 20-годишен Шпанец на 67. место на светската ранг-листа, имаше дури четири шанси да го собори првиот носител, но овој успеа да се спаси.

„Ме турна до краен лимит, одигра феноменален меч. Неговиот прв форхенд по сервисот е неверојатен. Едвај успевав да го допрам топчето“, му оддаде признание Зверев на младиот ривал по триумфот со 7:5, 3:6, 7:6 (13:11), но не бегаше ни од самокритика: „Свесен сум дека мора да играм подобро. Не бев перфектен, но тој ме притискаше до самиот крај“.

Во неверојатна завршница, Зверев прв дојде до меч-топки. Имаше две при 6:5. Потоа двајцата се менуваа во таа позиција. Ландалусе не ја искористи првата, па Зверев третата, за потоа Шпанецот да има уште три. Не ги реализираше и конечно искуството на Саша дојде до израз – петтата шанса му ја донесе победата.

Зверев во второто коло, во меч во кој победата му носи прво место на светот, го чека подобриот од дуелот меѓу Талон Грикспор и Брендон Накашима. Грикспор во неделата го освои трофејот во Брисел.