Навивачкиот судир се случил околу 19 часот, во период кога Работнички му гостувал на Скопје во натпревар од кошаркарската Суперлига. Според неофицијални информации, едно лице било пренесено во болница.
Сериозен навивачки инцидент ја вознемири јавноста вечерва во Скопје. Пред спортската сала „Јане Сандански“ дошло до физичка пресметка меѓу припадници на навивачките групи „Фемили“ и „Сити Парк Бојс“, при што, според првичните информации, има повредени лица и приведени.
Инцидентот се случил околу 19 часот, во период кога во кошаркарската Суперлига се играше натпреварот меѓу Скопје и Работнички. На гостувањето на Работнички присуствувале и неговите навивачи, популарните „Сити Парк Бојс“.
Иако МЗТ Скопје не беше учесник во натпреварот, пред салата се појавиле и припадници на навивачката група „Фемили“, по што дошло до жесток судир меѓу двете навивачки групи.
Според неофицијалните информации, едно лице било пренесено во болница со возило на Итната медицинска помош. Се споменуваат и повреди од остар предмет, односно убоди со нож, а засега е познато и дека едно лице било приведено.
Се очекува Министерството за внатрешни работи да излезе со официјални информации за околностите под кои се случил инцидентот, бројот на повредени и приведени лица.
Видео од инцидентот може да погледнете на овој ЛИНК.



