Факундо Бернал е казнет по инцидентот со младата ѕвезда на Барселона, а клубот од Севиља најави жалба на одлуката.
Дисциплинската комисија на Кралската фудбалска федерација на Шпанија му изрече суспензија од четири натпревари на Факундо Бернал, фудбалерот на Бетис кој доби директен црвен картон по инцидентот со Ламин Јамал на дуелот против Барселона.
Инцидентот се случи во неделата, веднаш по голот за водство на каталонскиот тим од 3:2. Бернал влезе во конфликт со младиот фудбалер на Барселона, а судијата процени дека реакцијата на играчот на Бетис претставува агресивно однесување и му покажа директен црвен картон.
Поради казната, Бернал ќе го пропушти претстојниот натпревар во Купот на кралот, како и три средби од првенството, пред дербито на Севиља.
Покрај фудбалерот, санкциониран е и спортскиот директор на Бетис, Ману Фахардо, кој доби суспензија од два натпревари поради однесување спротивно на спортскиот ред. Тренерот Мануел Пелегрини, пак, доби опомена поради коментарите за судењето по поразот од Барселона.
Од Бетис најавија дека ќе поднесат жалба, со цел да биде намалена казната за Бернал. Во клубот сметаат дека санкцијата е престрога и не соодветствува со случувањата на теренот.
Пелегрини по натпреварот изрази незадоволство од одлуката на судијата, оценувајќи дека инцидентот требало да биде санкциониран со жолти картони за двајцата фудбалери.
Бернал во меѓувреме јавно се извини за своето однесување преку социјалните мрежи. Сепак, дисциплинската комисија одлучи да му изрече суспензија од четири натпревари, а Бетис сега ќе се обиде да ја оспори одлуката преку жалбена постапка.