Фудбал

Енцо Фернандез: Отсекогаш сум сакал да бидам во клуб како Манчестер Сити

Енцо Фернандез: Отсекогаш сум сакал да бидам во клуб како Манчестер Сити

Најскапото засилување во историјата на „граѓаните“ не го крие воодушевувањето по трансферот од Челси и посебно го пофали тренерот Енцо Мареска.

Енцо Фернандез со големи амбиции пристигнува во Манчестер Сити, откако во последниот ден од преодниот рок го реализираше трансферот од Челси. Аргентинскиот репрезентативец потпиша договор со „граѓаните“ до летото 2031 година, а трансферот достигна вредност од 125 милиони фунти, со што Фернандез стана најскапата аквизиција во историјата на англискиот клуб.

По официјализирањето на трансферот, 25-годишниот фудбалер даде прво интервју за клупските медиуми и не го криеше задоволството што ќе го носи дресот на Манчестер Сити.

„Навистина сум среќен што сум тука. Отсекогаш сум сонувал да бидам во клуб голем како Сити. Благодарен сум за оваа можност. Ова е многу емотивен момент за мене и моето семејство – да направам ваков чекор на 25 години во кариерата за која отсекогаш сум сонувал“, изјави Фернандез.

Аргентинецот веднаш ги почувствувал големината и амбициите на својот нов клуб. Манчестер Сити во последната деценија освои голем број трофеи, а Фернандез смета дека таа традиција мора да продолжи.

„Манчестер Сити мора да го освои секој трофеј за кој се натпреварува. Во секое натпреварување во кое учествуваме мора да се бориме за победа. Историјата на овој клуб го бара тоа“, порача новото засилување.

Фернандез откри дека воопшто не се двоумел кога ја добил понудата од „граѓаните“.

„Од првиот ден кога ми се јавија и ми кажаа дека сакаат да дојдам, не се поколебав ниту за момент. Ова е клуб кој освои многу во последните години и продолжува да пишува историја во фудбалот. За мене ова е огромен предизвик. Сакам да му помогнам на клубот и заедно да продолжиме да освојуваме трофеи“, додаде тој.