Фудбал

Ендрик: Разговарав со Бога на клупата, а кога се свртев, ме повикаа да влезам

Ендрик: Разговарав со Бога на клупата, а кога се свртев, ме повикаа да влезам

Бразилецот беше еден од клучните играчи во големиот пресврт на Реал Мадрид против Рома, постигнувајќи го израмнувачкиот гол за 3:3.

Ендрик беше избран за играч на натпреварот во спектакуларната победа на Реал Мадрид од 4:3 против Рома на „Олимпико“, во второто коло од Лигата на шампионите.

Младиот бразилски напаѓач влезе во игра во 68. минута, кога мадридскиот гигант губеше со 1:3. Неговото присуство донесе дополнителна енергија во нападот на „кралевите“, а во 85. минута со удар со глава, по корнерот на Арда Ѓулер, погоди за 3:3 и го најави целосниот пресврт.

По натпреварот, Ендрик не ги криеше емоциите и откри што му се случувало додека го очекувал влегувањето во игра.

„Сè уште ме држи возбудата од натпреварот и тешко ми е да го опишам тоа чувство. Седев на клупата и разговарав со Бога. Кога се свртев, ме повикаа да влезам во игра. Продолжив да разговарам. Не очекував дека толку рано ќе добијам шанса“, изјави Бразилецот.

Тој нагласи дека најважно му е да му помогне на тимот и на тренерот, без оглед на тоа дали ќе добие место во почетниот состав.

„Најважно е Реал да победува. Ако престанам да го давам максимумот за победите, прв ќе си заминам. Да се биде дел од Реал Мадрид е голем предизвик и секој ден ќе се борам за своето место“, порача напаѓачот.

Ендрик посочи дека Реал Мадрид никогаш не се предава, без оглед на резултатот и околностите на теренот.

„Беше тешка ситуација. Ја наведнав главата, а кога повторно ја кренав, Мален веќе постигна уште еден гол. Но, ние сме Реал Мадрид и се бориме на секој натпревар, без разлика на околностите. Токму тоа го покажавме“, додаде тој.