Некогашниот најдобар стрелец во ПМФЛ објави пензија, но му се врати на фудбалот и сега ќе продолжи да игра и на 41 година.
Поранешниот фудбалер на Вардар и некогаш најдобар стрелец во Првата македонска фудбалска лига, Дејан Блажевски има нов клуб. На 41 година потпиша за екипата на Њу Старс.
Популарниот Шиле има три титули со Вардар каде што ги имаше своите најдобри денови во кариерата, а добрата форма тогаш му носеше и повици во националниот тим на Македонија, за кој има одиграно пет натпревари и постигнато еден гол, на пријателски меч против Полска.
Блажевски минатата сезона ја мина во Хоризонт Турново, а сега ќе дава голови за Њу Старс. Тој по пензионирањето во 2023 година имаше мала пауза, па потоа се врати на фудбалот, и сега продолжува со исто темпо.
Њу Старс е тим кој настапува во третолигашката конкуренција во Македонија, и со Блажевски сега ќе атакува на скалило погоре, односно пласман во второлигашката конкуренција.