Фудбал

Еден Германец му удри „корпа“ на Манчестер Јунајтед, сега друг e фаворит за клупата

Еден Германец му удри „корпа“ на Манчестер Јунајтед, сега друг e фаворит за клупата

Германскиот стратег на клупата на Брајтон сака да продолжи со проектот и да го одведе клубот во Лигата на шампионите, додека Јулијан Нагелсман се наметнува како главен кандидат за нов менаџер на „црвените ѓаволи“.

Фабијан Хирцелер нема намера да го напушти Брајтон за да седне на клупата на Манчестер Јунајтед, доколку добие понуда од англискиот гигант, пренесуваат медиумите на Островот.

33-годишниот германски стратег е меѓу имињата кои се споменуваат како потенцијални наследници на Мајкл Карик, во случај раководството на „црвените ѓаволи“ да одлучи да ја прекине соработката со актуелниот менаџер.

Сепак, Хирцелер е фокусиран на работата во Брајтон и има амбиција да го одведе клубот во Лигата на шампионите. Поради тоа, во моментов не размислува за заминување од „галебите“.

Според информациите на англискиот „Сан“, германскиот тренер би бил подготвен да го напушти Брајтон само доколку добие понуда од некој од европските гиганти, како Реал Мадрид, Барселона, Баерн Минхен, Арсенал или Манчестер Сити.

Хирцелер неодамна потпиша нов тригодишен договор со Брајтон, па евентуалниот обид за негов ангажман би значел и сериозна финансиска обврска за заинтересираниот клуб. Дополнително, во договорот нема откупна клаузула која би го олеснила неговото заминување.

Во меѓувреме, како најсериозен кандидат за менаџерската позиција на „Олд Трафорд“ се споменува Јулијан Нагелсман, актуелниот селектор на Германија.

Антонио Конте, според истите информации, повеќе не е меѓу главните опции, бидејќи раководството на Манчестер Јунајтед бара тренер со поинаков профил. Еди Хау и Киран Мекена исто така се споменуваат како можни кандидати.