Фудбал

Евертон го суспендираше Џек Грилиш поради кршење на клупската дисциплина

Евертон го суспендираше Џек Грилиш поради кршење на клупската дисциплина

Англискиот репрезентативец е казнет поради прекршување на клупската дисциплина и нема да биде во составот за дуелот со Њукасл во Карабао купот.

Џек Грилиш е отстранет од составот на Евертон за натпреварот против Њукасл во четвртото коло од Карабао купот поради прекршување на клупската дисциплина.

Англискиот офанзивец, кој настапува за Евертон како позајмен фудбалер од Манчестер Сити, требаше да се врати во тимот за дуелот со „страчките“, откако претходно го пропушти натпреварот против Арсенал поради болест.

Сепак, клубот потврди дека 31-годишниот фудбалер нема да биде на располагање поради прекршување на внатрешните правила. Според информациите на „Сан“, Грилиш бил казнет затоа што пропуштил тренинг без дозвола.

Од Евертон не сакаа да откриваат дополнителни детали, но во официјалното соопштение за составот јасно ја посочија причината за неговото отсуство.

„Џарад Брантвејт продолжува да отсуствува поради протоколите за потрес на мозокот, додека Џек Грилиш не е на располагање поради прекршување на клупската дисциплина“, соопштија од клубот.

Менаџерот Дејвид Мојс исто така не сакаше да навлегува во детали, но застана зад одлуката на раководството.

„Нема да навлегувам во никакви детали. Клубот ја донесе оваа одлука и јас ја поддржувам. Не сакам повеќе да зборувам за тоа, но ја поддржувам одлуката“, изјави Мојс.