Деветтото коло од ракометното првенство денеска ни го носи нашето најголемо ракометно дерби во кое од 17:45 часот во салата „Јане Сандански“ силите ќе ги одмерат Вардар и Пелистер.
„Црвено-црните“ во најголемиот домашен ракометен дуел влегуваат како лидери на табелата, со максимални осум победи од исто толку натпревари. Пелистер, пак, досега загуби бодови само на гостувањето кај Охрид, каде што одигра нерешено, па денешната пресметка ќе ги соочи двете единствени непоразени екипи во првенството.
Интересот за дербито е огромен, што го потврдува и распродадената сала „Јане Сандански“. Вардар ќе има силна поддршка од домашните трибини, но се очекува и присуство на голем број навивачи кои ќе допатуваат од Битола. Домашните навивачи, дополнително, подготвуваат и специјална заедничка кореографија.
Последната првенствена пресметка меѓу двата ривали, одиграна минатата сезона, заврши со убедлива победа на Вардар. Сепак, околностите сега се поинакви, а Пелистер во Скопје пристигнува со амбиции да му го нанесе првиот пораз на големиот ривал.
Битолчани се предводени од искусниот Лино Червар, за кого ова ќе биде прво гостување во „Јане Сандански“ во улога на тренер на Пелистер.
Чупиќ пред дуелот не криеше дека Вардар е фаворит поради домашниот терен и ја презема таа улога.
„Вардар секогаш кога игра дома е фаворит. Тоа е во мојата глава отсекогаш. Секој што ќе дојде во ‘Јане Сандански’ треба да сфати дека тука многу тешко се победува и се освојуваат бодови“, порача Чупиќ на прес-конференцијата пред дербито.
Сè е подготвено за уште една голема ракометна пресметка, во која освен престижот, на маса ќе бидат и исклучително важни бодови во борбата за врвот на табелата.