Олимпијакос го пријави Дубаи поради нелегалниот обид да го ангажира плејмејкерот.
Сагата околу грчкиот репрезентативец Томас Вокап добива сè посериозни размери. Олимпијакос го пријавил Дубаи во Евролигата поради обидот на клубот од Обединетите Арапски Емирати да го ангажира американскиот плејмејкер, кој сè уште има важечки договор со грчкиот гигант.
Вокап сака да го напушти Олимпијакос и да се пресели во Дубаи, кој му понудил значително подобри финансиски услови. Проблемот е што неговиот договор со европскиот шампион е важечки до летото 2027 година, а клубот од Пиреја не сака да се откаже од него.
Олимпијакос досега одбил три понуди од Дубаи за својот искусен бек. Последната понуда била во вредност од околу еден милион долари, но грчкиот клуб и натаму останал на ставот дека Вокап не е достапен за трансфер.
Американецот, кој во меѓувреме доби и грчко државјанство, не се појавил на почетокот на подготовките на Олимпијакос, по што клубот покренал дисциплинска постапка против него. Вокап, пак, презел правни чекори со барање за раскин на договорот, сметајќи дека условите што му ги поставува Олимпијакос за заминување се непропорционални.
Од Олимпијакос тврдат дека Дубаи недозволено контактирал со играч кој е под договор, поради што случајот го пријавиле и до Евролигата. Од Дубаи, пак, негираат дека направиле нешто незаконски и посочуваат дека официјално му се обратиле на Олимпијакос со понуди за откуп на договорот.
Вокап е член на Олимпијакос од 2021 година и со клубот освои две титули во Евролигата. Во минатата сезона во најквалитетното европско натпреварување просечно бележеше 4,9 поени, 2,7 скока и 5,9 асистенции по натпревар. За грчката репреентација играше на ОИ во 2024 година во Париз, и стигна до 1/4 финалето.